На 4.12.2015 година во Кичево беше одбележан „4-ти Декември“ – Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Во прекрасна атмосвера и присуство на повеќе од 150 членови на Мобилност Македонија од 16 здружени членки, со изведна на химната на РМ и неколку играорни точки од препознатливиот македонски фолклор започна средбата на која поред членовите, беа присутни и поранешниот пратеник од Кичево, г-дин Илија Китановски, како и повеќе претставници од подрачните единици на институциите на државата.
После поздравните говори на претседателот на Мобилност Кичево, Бобан Јордановски, претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски и на поранешниот пратеник во Собранието на РМ, Илија Китановски, претседателот на Мобилност Македонија пред присутните ги афирмираше преземените активности на сојузот кои ја одбележаа 2015 година, ставајќи акцент на барањата до институциите на државата за премостување на архитектонските бариери, пред се во објектите за спроведување на настава во основното, средното и високото образование, како и за подобрување на здравствената заштита, ортопедски помагала и конкурентност на пазарот на трудот за нашите членови.
Од страна на присутните членови беа поставени бројни прашања, пред се од областа на вработувањето, на кои беше оддговорено со давање на препораки за натамошни активности.
По завршување на работниот дел на средбата, присутните членови на манифестацијата се дружеа неформално разменувајќи лични искуства, за време на организираниот заеднички ручек.