На 07.05.2025 година, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија–Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, доделија 24 ортопедски помагала на лица со телесен инвалидитет.
Примопредавањето на ортопедските помагала беше извршено во дворот на Центарот за ортотика и протетика „Славеј“, Скопје, а средствата за набавка на помагалата беа обезбедени и одобрени од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, по претходно барање и аплицирање на Мобилност Македонија низ годишните програми. Овие помагала беа набавени од прибраните средства за 2022, 2023 и 2024. Мобилност Македонија ги акумулираше средствата за да може одеднаш да набави повеќе ортопедски помагала, бидејќи со едногодишните средства може да се набават 5-6 помагала, со што би се ставиле во позиција голем дел од барателите на помагалата да бидат одбиени.
Помагалата се набавени на транспарентен начин, со објавен јавен повик на Мобилност Македонија на социјалните мрежи, како и повик објавен во два печатени весници (Вечер и Коха), со што на најтранспарентен начин ги повика своите членови, како и останатите лица со телесен инвалидитет од Северна Македонија, кои имаат потреба од ортопедски помагала и додатоци на ортопедски помагала, да се пријават на отворениот повик доколку ги исполнуваат наведените критериуми во повикот. Јавниот повик се однесуваше на три вида на ортопедски помагала: електромоторни скутери; инвалидски колички на електромоторен погон; и електромоторни додатоци за инвалидска количка.
Денес беа доделени 14 електромоторни скутери, 7 инвалидски колички на електромоторен погон и 3 електромоторни додатоци за инвалидска количка, и тоа на следните лица со телесен инвалидитет:
Електромоторни скутери:
Дејан Јовановски-с. Булачани, Скопје; Томислав Попов-Скопје; Илија Бошков-Скопје; Билјана Тодоровска-Битола; Златко Арсовски-Делчево; Николчо Дуев-с.Ѓавато, Богданци; Валерија Пеева-с.Стојаково, Богданци; Виктор Димитриевски-Тетово; Димитар Цафовски-Штип; Гордана Стојановска-Ресен; Весела Димовска-Охрид; Весна Здравевска-Велес.
Инвалидски колички на електромоторен погон:
Игор Николовски-Скопје; Стево Талески-Прилеп; Смиља Новакова-с.Банско Струмица; Далибор Станковски-Делчево; Снежана Енговска-Делчево; Делфина Стоилковска-Ранковце; Дејнче Стојаноски-Прилеп.
Електромоторни додатоци за инвалидска количка:
Димче Китовски-Охрид; Муштеба Амети–Охрид; Зоран Јовановски–Струмица.
Единстврно пристигнато барање кое Комисијата за доделување на ортопедски помагала при Мобилност Македонија го одби, е барањето од Благоја Симоновски-Скопје, за електромоторен додаток за инвалидска количка, заради тоа што во критериумите од јавниот повик концизно беше назначено дека лица кои го оствариле правото и добиле ортопедско помагало во последните 5 години, немаат право на аплицирање, а Благоја Симоновски доби исто помагало, како бараното, во 2022 година.
Министерот подвлече дека овие помагала не се само технички средства. Тие претставуваат средство за слобода, независност, активност и самодоверба. Како и дека тие се дел од патот кон самостоен живот и инклузија. Притоа, изрази благодарност до Мобилност Македонија, здравствените и социјалните работници и организациите кои работат со лицата со попреченост за нивната посветеност и придонесот за реализација на оваа важна мисија.
„Остануваме посветени на создавање на општество во кое секој има можност да живее, учествува и придонесува рамноправно. Заедно да продолжиме да чекориме кон поинклузивна иднина,“ порача Лимани.
Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, му се заблагодари на министерот Лимани и на министерството за социјална политика, демографија и млади, за одобрените средства и големото разбирање, посочувајќи дека сојузот сите расположиви средства ги упатува кон членовите по пат на организација на работни средби, кампањи за подигање на јавната свест, организирање на културно-спортски и едукативни настани, организација на опоравок и рехабилитација во апартманите во охтид, градење на инклузивни игралишта, и кога има можност, набавка и дистрибуција на ортопедски помагала и додатоци кои им се неопходни на лицата со телесен инвалидитет, а неможат да ги набават преку ФЗОРСМ.
„Соработката е добра, на партнерска основа, но секогаш има простор за подобрување на истата“ истакна Јовановски.