016Денес, 04.12.2025 година, во ресторанот "Гардениа" во Велес, со пригодна свеченост беше одбележан 4. ДЕКЕМВРИ - Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.
Настанот започна со интонација на химната на Република Македонија, како и химната на градот Велес.

Потоа на присутните им се обрати градоначалникот на Велес, Марко Колев, а во отсуство на претседстелот на сојузот, Бранимир Јовановски, неговиот говор го прочита секретарот Гораст Велјовски, кој ви го пренесуваме во целост:


"Денес го одбележуваме 4. Декември – Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија. Воедно, вчера го одбележавме 3. Декември Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, востановен од Обединетите нации во далечната 1981 година со цел подигање на свеста и зголемување на разбирањето за прашањата поврзани со инвалидноста и посветеноста кон обезбедување достоинство, права и благосостојба на овие лица.

Со оглед на тоа дека целта на одбележувањето на овие два значајни датуми за нашиот сојуз е слична, скоро идентична, ви се обраќам кумулативно почитувајќи ги сличностите и разликите.

Темата на Обединетите нации за одбележувањето на 3. Декември за 2025 година беше „Поттикнување на општествата кои ги вклучуваат лицата со инвалидност за унапредување на општествениот напредок“. Taa беше инспирирана од Вториот светски самит за општествен развој, одржан во Доха, Катар, во ноември годинава. На овој настан, светските лидери ја обновија својата посветеност кон поправеден, поинклузивен и порамноправен свет, нагласувајќи ја инклузијата на лицата со инвалидност како централен елемент на општествениот напредок. Овој пристап ја одразува растечката свест дека вклучувањето на лицата со инвалидност не е само етичка цел, туку и клучен фактор за одржлив и траен развој.

На Самитот за одржлив развој, одржан во Њујорк од 25-27 септември 2015 година, официјално беше усвоена историски значајната нова агенда насловена: “Трансформирање на нашиот свет: Агенда 2030 за одржлив развој”. Агендата е во согласност со овие принципи, заснована на идејата дека никој не треба да биде изоставен, вклучително и лицата со инвалидност. Таа става посебен акцент на зајакнување на националните здравствени услуги и подобрување на инфраструктурата за да се обезбеди ефикасен пристап до услуги за сите. Подигнувањето на јавната свест за важноста на вклучувањето на лицата со инвалидност е клучно за забрзување на развојот на отпорно и инклузивно општество кое ги елиминира родовите нееднаквости, ги подобрува образовните и здравствените услуги и промовира социјална, економска и политичка инклузија за сите.

Во Мобилност Македонија, како сојуз формиран и управуван од лицата со телесен инвалидитет пред 39 години, потполно сме свесни дека и поред сите заложби за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен и друг вид на инвалидитет, како во нашата држава, така и на глобално поле, реалност е дека решавањето на овие прашања сè уште претставува голем предизвик и бара бројни акции, како од нас, така и од институциите на државата. Сведоци сме дека и кај нас и во светот, лицата со инвалидност се соочуваат со значајни и постојани пречки: поголем ризик од паѓање во сиромаштија, ограничени можности за пристап до образование и пристојна работа, генерално пониски плати во однос на лицата кои не се соочуваат со некој вид на инвалидност, недостатоци во системите за социјална заштита, бариери што ја попречуваат личната автономија и достоинство, празнини во системите за грижа и поддршка, нееднаков пристап до ортопедски помагала и асистивни технологии, како и опкружување и средини кои често се недостапни или не се многу инклузивни. Затоа, наша обврска, но и обврска на институциите на државата, е да се забрза напредокот во елиминирањето на сиромаштијата, продуктивното вработување и социјалната инклузија.

Тука сакам да ве потсетам на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, усвоена во Обединетите Нации во 2006 година, а ратификувана од Собранието на Република Македонија на 05.12.2011 година, која дополнително ги промовираше правата и благосостојбата на лицата со инвалидност, потврдувајќи го принципот на еднаквост и потребата да се обезбеди нивно целосно и ефикасно учество во политичката, социјалната, економската и културната сфера на општеството. Конвенцијата ги повикува државите да ги идентификуваат и елиминираат пречките што го ограничуваат почитувањето на овие фундаментални права, нагласувајќи ја важноста на создавање услови што им овозможуваат на лицата со инвалидност да живеат независно и целосно да учествуваат во сите аспекти од животот.

Денес, 14 години по нејзината ратификација, не можеме да се пофалиме со крупни чекори во реализација и почитувањето на мерките пропишани во истата, како сојуз се уште правиме напори за задолжителна имплементација на мерките за пристапност во градежништвото, за воспоставување на адаптиран јавен градски и меѓуградски превоз, за изградба на пристапни објекти каде се изведува настава од основно, средно и високо образование, за поволности при вработување и овозможување на професионална доедукација, преквалификација и рехабилитација, за унапредување на здравствената политика и набавка на инструменти за подобра и инклузивна здравствена заштита, за право на пофункционални софистицирани ортопедски помагала... и што уште не.

Сите овие наброени недостатоци, и уште многу други, сами по себе ја определуваат патеката по која ќе се движи Мобилност Македонија во следниот период, со интенцијата за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет.

И поред постојаните напори, преговори и преписки со институциите на државата за справување со мноштво од погоре наведените предизвици, Мобилност Македонија од оваа година се соочува дополнително и со намалено и рестриктивно финансирање на сојузот и здружените членки, но не само ние, туку и сите национални инвалидски организации и нивните здружени членки. Иако и до сега работевме транспарентно и секој направен трошок со целосна документација го доставуваме до Министерството за социјална политика, демографија и млади на отчет, начинот на отчетност од оваа година со потпишување на новиот Договор за финансирање претрпе големи измени, при што нашето вработено лице во сојузот троши многу енергија и време за пополнување на бараните ексел табели и други образци. Сите преговори со министерот за социјална политика, демографија и млади, со советниците и претставниците од министерството, како и со советниците за социјална политика на Премиерот Мицкоски, до сега не вродија со плод, меѓутоа ние сме оптимисти дека за брзо време ова состојба ќе биде надмината.

Дополнително, само пред неколку денови дознавме за пилот проект изработен од експерти на Светска Банка, а по барање на Министерството за труд и социјална политика, наречен „НАЦИОНАЛНА МЕТОДОЛОГИЈА ЗА ПРОЦЕНКА НА ПОПРЕЧЕНОСТ“, кој во својата содржина, во анексите за остварување и задржување на одредени социјални надоместоци и права, нуди сериозни промени, дури и критериуми за исклучување. Веднаш ја контактиравме и активиравме нашата Статутарно – правна комисија, го споделивме материјалот и интензивно работиме на изготвување и доставување на забелешки и сугестии на предложениот текст.

Слично е и со новиот Закон за професионална рехабилитација и вработување кој е постиран на страната на ЕНЕР, и при крај е терминот за поднесување на забелешки и сугестии. Ние уште пред 6 месеци, кога Законот беше во фаза на нацрт текст, доставивме низа на забелешки и сугестии за подобрување на текстот на законот, но за жал само мал број од нив се прифатени и вметнати во текстот. Искрено се плашам, доколку биде усвоен законот како предложениот, дека со укинувањето на бенефициите на работодавачите од заштитните организации, многу вработени лица со инвалидност ќе останат без работа. Ќе бидам најсреќен доколку тоа не се случи и доколку грешам во својата проценка.

Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија кој денес го одбележуваме, нè потсетува на важноста од вреднување на секој поединец и рушење на бариерите што ги ограничуваат нашите основни права. Тој претставува важна можност да се нагласи правото на секој човек на целосно и активно учество во сите области од животот: работа, култура, уметност и спорт. Ова е момент на размислување за човековото достоинство и потребата од елиминирање на сите видови бариери, промовирајќи конкретни промени за подобрување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност. Конечно, овој ден претставува повик за акција за изградба на порамноправен и поинклузивен свет, каде што секој поединец, без оглед на неговите способности, може целосно да придонесе за напредокот на општеството. Сите наши активности и кампањи имаат само една цел, а тоа е да изградиме заедница со еднакви можности за сите, а со тоа да ја подигнеме јавната свест за солидарност, хуманост, емпатија и почитување на различностите.

Нека ни е честит 4. Декември – Денот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија.“

Манифестацијата продолжи со тематска работилница под мото „Поддршка,а не сожалување“ со излагање на Катерина Витановска и Марија Трајковска Иванова, а заврши со работен ручек на присутните.
Средства за одржување на овој настан беа обезбедени од Министерство за социјална политика, демографија и млади.

001.jpg 002.jpg 003.jpg

004.jpg 005.jpg 006.jpg

007.jpg 008.jpg 009.jpg

010.jpg 011.jpg 012.jpg

013.jpg 014.jpg 015.jpg

016.jpg