НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

slika1На покана на Инвалидските здруженија и сојузи на Унско-Санскиот кантон,четворица претставници на Мобилност Македонија присуствуваа на Седмата Меѓународна конференција за статусот и правата на лицата со инвалидност.Составот на екипата беше Васил Томов,Рашо и Живка Талунџиќ и Горан Војновски.

 Конференцијата се одржа во рамките на Кампањата “Да делуваме заедно” која ја спроведува Коалицијата за стратегија и изедначување на можностите и правата на лица со инвалидност на Унско-Санскиот кантон.

Конференцијата се одржа на 23 и 24 октомври 2013 година во Сански Мост хотел Златна долина а гостите од страна беа сместени во хотел Санус.

Бевме сведоци на една огромна манифестација, која на едно место ги собра организациите на лица со инвалидност (без разлика на видот и степенот на инвалидизираност) од цела Босна и Херцеговина,од Србија,  Хрватска и Македонија.

Сериозноста на организаторот се огледа во фактот што на дневен ред беа поставени 13 теми од разни области,како што се:предвременото породување како најчеста причина кај децата за пречки во развојот,инвалидизираноста и професионалната рехабилитација на ЛИ во БиХ,квалитетот на живеење на децата и адолесценти во Мостар,ресурсни центри во функција на унапредување на инклузивноста,жената со инвалидитет-вчера денес и утре,социјално претприемништво,образовната инклузија како дел од социјалната инклузија и други теми кои се интересни за лицата со инвалидност во БиХ но секако и пошироко па и за нас.Гостите од регионот зборуваа на теми како што се Правната положба на ЛИ во Србија,Искуства од Хрватска и Услуги и права од социјалната заштита за лицата со инвалидност во Македонија.

Одржувањето на Конференцијата го поздравија многу функционери од кантоните на БиХ,претставници на институции кои имаат релевантни ингеренции,претставници на јавни установи а излагачи на темите беа доктори на науки,магистри,професори,дипломирани дефектолози,стручни советници...

Домакин на Конференцијата беше Јусмир Алибабиќ а конферансие на програмата Енес Алибеговиќ (двајцата лица со инвалидност-слепи лица).

Темите беа одлично обработени од страна на излагачите од секој аспект професионално и добивме одличен впечаток за состојбите во БиХ,Хрватска и Србија.Србите се пофалија дека ги задржале правата и бенефитите од поранешната СФРЈ,Хрватите ни го пренесоа сопственото искуство со персоналните асистенти кое и нам во Македонија ни е насушно потребно.Босанците се разочарани што се расцепкани и поделени и државата многу лесно се откажала т.е. им ги укинала одредени права на лицата со инвалидност и притоа без да им компензира со давање нови права.Меѓутоа кај нив е забележливо многу ентузијазам енергија и желба да се борат за подигнување на правата и услугите кои ги бараат.Верувам дека за нив беше интересно да слушнат за правата кои нам ни се нудат односно за кои пред се ние од Мобилност Македонија се изборивме-правото на слепило/мобилност,кое беше опфатено во мојата презентација на услугите и правата на лицата со инвалидност во Македонија.

Особен впечаток ми остави мене а верувам и на сите присутни излагањето на Извршниот директор на здружението Лотосице госпоѓа Ениса Братановиќ на тема Жената со инвалидитет-вчера денес и утре.Излагањето ја отслика состојбата на жена со инвалидитет во БиХ,проблемите и потешкотиите со кои се соочува,сето тоа изложено на многу пластичен јасен начин од страна на излагачот.Забележливо е дека сето кажано од збор до збор може да се каже за состојбата на жена со инвалидитет во Македонија,истите проблеми потешкотии стереотипи со кои се соочува и низ кои минува и мора да ги совладува,почнувајки од адолесцентност,младост,брак и формирање семејство.

Нашиот општ впечаток е дека состојбите со правата и статусот на лицата со инвалидност насекаде низ регионот на поранешна СФРЈ се на приближно исто ниво.Многу мали се спецификите кои се изградени низ минатите години како што е персоналниот асистент во Хрватска или додатокот за мобилност кај нас.

Заклучок е дека не смее да се застане во борбата за остварување права и бенефити за лицата со инвалидност.Црпењето на идеи,градењето на стратегии е можно преку одржување заеднички работни средби,семинари,конференции увид во искуството на другите во однос на употребените средства,начини и методи за остварување на целите на организациите на лицата со инвалидност.

Останува на нас да продолжиме во настојувањата за подигање на квалитетот на живеење на лицата со инвалидитет и да ги употребиме сите расположиви ресурси во остварување на програмските цели и задачи но и повеќе од тоа.Соработката со организации од регионот треба да продолжи и притоа не треба само да бидеме гости на конференции во организација на други здруженија туку и самите да бидеме организатори за што имаме несомнен капацитет и ресурси.