НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

19иМузички средби на лица со телесен инвалидитет на Македонија

slika 1И оваа година низ големата сала на хотелот “Цар Самуил” во с.Банско-Струмица ечеше македонска народна песна, се менуваа вокалните интерпретатори од редот на лицата со телесен инвалидитет еден по еден во желба да се закитат со едно од признанијата кои за најуспешните тројца интерпретатори ги обезбеди организаторот Мобилност Македонија, Манифестацијата 19-ти Музички средби на лицата со телесен инвалидитет на Македонија се одржа на 24.11.2013 година, а поред 15-те домашни изведувачи на македонски народни песни, кои се натпреваруваа за епитетот најдобар интерпретатор, во ревијалниот дел настапија двајца гости од Бугарија, Иван Караиованов со прекарот бугарски Том Џонс и Румен Михајлов, и двајцата членови на фондацијата „Сила за живот“ кои исполнија повеќе нумери од познати странски изведувачи.

Публиката со недоверба го слушаше водителот Ѓорѓи Калајџиев кога ги најавуваше гостите од Бугарија, меѓутоа кога ги слушнаа првите звуци, бојата на гласот, начинот на интерпретација, со громогласни аплаузи ги наградија за прекрасниот перформанс и забава која им ја пружија. По подолго време, на музичките средби настапија и двајца пејачи од Македонија со поп нумери и тоа: Христина Николовска од Струмица која ја испеа песната „Готово е“ од Тамара Тодевска и Содоли Шепќим од Тетово се авторската песна „Мелоди Асај“. Гости на нашата манифестација и годинава беа:  претседателот на фиондацијата „Сила за живот“ Јордан Стефанов, Зорница Стефанова – извршен директор на фондацијата, потоа музичарот аранжер и член на Управен одбор на фондацијата Александар Михајлов, Диљана Михајлова и веќе спомнатите интерпретатори Иван Караиванов и Румен Михајлов.

Како и вообичаено, големата сала на хотелот „Цар Самуил“ беше „мала“ да ги угости сите оние кои сакаа да ја посетат манифестацијата, а бурните аплаузи од многубројната публика, спонзори, донатори, штитениците и персоналот на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, членови на Мобилност Македонија од сите здруженија кои само за оваа прилика допатуваа во голем број за да ја следат манифестацијата,докажаа дека и овојпат сме направиле одличен избор и добра забава. Како и секоја година, присутни беа и гости од политичкиот и бизнис секторот на Струмица, предводени од градоначалникот г-дин Зоран Заев и градоначалникот на Василево г-дин Ванчо Стојанов.

Веќе традиционално, стручното жири беше во состав:Роберт Георгиев и Васко Пиличев од Струмица, академски музичари и музички критичари.

Водител на манифестацијата беше неповторливиот Ѓорѓи Калајџиев, за кого колку и да се зборува, малку ќе се каже. Со својата харизматичност, препознатлив и милозвучен вокал, водителско искуство, умерена доза на хумор и низа вицеви и досетки, придонесе манифестацијата да биде интересна и будно следена од публиката од првата до последната минута.

Музичарите од нашиот оркестар „Феникс“делуваа уиграно, одработија три проби со интерпретаторите обидувајќи се да ги искорегираат евентуалните грешки кај натпреварувачите, меѓутоа според мое лично убедување, дел од интерпретаторите и поред сите напори, не успејаа да се увежбат за главниот настап.Идеја е следните јубилејни дваесетти музички средби да се одржат во живо, во некој од градовите на РМ, и тогаш не би требало да има импровизации. Ќе настапат само оние кои со својата музикалност, чувство за ритам и своите вокални можности го заслужуваат тоа.

Годинешнава манифестација беше можеби најразлична до сега, а добар дел од интерпретациите навистина звучеа професионално. Пред да започне официјалниот дел на манифестацијата, гостинот од Бугарија, Румен Михајлов за половина час исполни повеќе нумери и ја загреа публиката за она што претстојуваше. Потоа настапија осум натпреварувачи, по што водителот на сцената го повика Иван Караиванов кој исполни две нумери од Том Џонс и една од Френк Синатра, за после тоа да се продолжи со последните седум натпреварувачи. Додека жири комисијата пресметуваше кој од петнаесетте натпреварувачи заслужува да добие признание, на сцената се појавија домашните интерпретатори на забавна музика.

А сега да им посветиме внимание на интерпретаторите. Годинава на сцената продефилираа 15 интерпретатори од 6 градови и тоа: МОБИЛНОСТ СКОПЈЕ: Христина Проскова со песната „ Ах каде е мојто либе “, Гоце Миновски со песната „Ти само ти“, Игор Божиновски со песната „Ако одам во Битола“ и Соња Ѓорѓиевска со песната „Молитва за Велигден“, МОБИЛНОСТ  ПРИЛЕП:  Здравески Ѓорѓи со песната „Кога си бевме мали“, Спирковски Ристо со песната „Моја серенада“,Ангелески Стевансопесната „Комшиче либе да имам“ и Најдоски Влатко со песната „Шака нака“, МОБИЛНОСТ  БИТОЛА: Томче Најдовски  со песната „Запри запри виолино“, МОБИЛНОСТ   КАВАДАРЦИ: Трајче Лазаров со песната „Цела тајфа бевме Лино“ и Николчо Делов со песната „Навали се Шар Планина“, МОБИЛНОСТ  РАДОВИШ: Петре Јованов со песната „Назад назад Калино моме“, МОБИЛНОСТ ШТИП: Дафина Јаневска со песната „Една прекрасна штипска ноќ“,Ванѓа Јованчева со песната „Море сокол пие“ и Влатко Крстев со песната  „Мирјана”.

По завршување на официјалниот програм во кој беа изведени петнаесетте нумери, жири комисијата ги распредели наградите на следните интерпретатори:

Прва награда: Петре Јованов со песната „Назад назад Калино моме“,

Втора награда: Трајче Лазаров со песната „Цела тајфа бевме Лино“

Трета награда: Николчо Делов со песната „Навали се Шар Планина“

 Организаторот Мобилност Македонија обезбеди плакети за најдобрите 3 интерпретатори. Претседателот на Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски им додели благодарници за учество на манифестацијата на Јордан Стефанов, претседател на фондацијата, Иван Караиванов и Румен Михајлов, интерпретатори од Бугарија и воедно го замоли гостинот од Бугарија, претседателот на фондацијата „Сила за живот“ Јордан Стефанов да им ги врачи плакетите на наградените интерпретатори на македонска народна песна од редот на лицата со телесен инвалидитет на Македонија за 2013 година.