НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1 9Меѓународна конференција на тема „Конвенција на ООН за правата на лица со инвалидност и нејзиното влијание врз националното законодавство и политики“

На 19.11.2015 година во хотел „Континентал“ во Скопје, во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ и Министерството за труд и социјална политика неше одржана Меѓународна конфрернција на тема: Конвенција на ООН за правата на лица со инвалидност и нејзиното влијание врз националното законодавство и политики“ на која учествуваа презентери од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и домаќинот Македонија.

Конференцијата ја отворија д-р Фросина Ташевска-Ременски, министер за труд и социјална политика и Бранимир Јовановски, претседател на Национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ. Модератор на Конференцијата беше д-р Василка Димоска, секретар на Национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ а на конференцијата учествуваа преку 50 учесници меѓу кои: д-р Сашо Василевски – претседавач на ИППЛГ во Собрание на Република Македонија, Катерина Бојарова – ИППЛГ, Крсте Маљановски – советник во Владата на Република Македонија, Лидија Крестевска Дојчиновска – советник во Владата на Република Македонија, Флора Љатифи – советник во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Силва Пешиќ – од Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН во РМ, Sophie Beaumont – Делегација на Европска комисија, Слободанка Лазовска – Здравковска – советник во Министертсво за труд и социјална политика,Драги Целевски – Канцеларија на Народен правобранител, претставници на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ, како и претседатели и претставници од Националните инвалидски организации, членки на НСИОМ.

Во своето обраќање министерката Фросина Ташевска-Ременски стави акцент на потребата од усогласување на термините за лицата со инвалидност во Република Македонија: “Во Република Македонија се уште не постои унифициран термин за лицата со инвалидност, па согласно со тоа можеме да препознаеме деца со пречки во развојот, деца со посебни потреби, деца со посебни образовни потреби, лица со пречки во физичкиот или психичкиот развој коишто имаат специфични потреби, лица со телесна попреченост,  лица со интелектуална попреченост, лицата со инвалидност, инвалидно лице”, “инвалидска пензија” и “инвалидско осигурување”, инвалидни лица, цивилен инвалид, хендикепирани лица”, потенцираше министерката Ташевска-Ременски.

Беше укажано и на потребата од сеопфатна поддршка од државата, но и подигање на јавната свест дека одговорноста и обрската за остварување на правата на овие лица не е само на државата туку на целокупната јавност и општество: “Овозможувањето на правата и можностите на лицата со инвалидност е наша заедничка обврска, обврска на државата, на сите граѓани, на општеството. Тоа не смее да биде нечија волја, туку наша единствена заедничка обврска”, рече министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.

За остварување на оваа цел, потенцираше таа, покрај потпишувањето на потребните документи и изработка на програми и планови, формирана е и работна група во која е вклучен и Националниот сојуз на инвалидски организации и други здруженија на граѓани кои работат на прашања од оваа сфера под мотото „Ништо за нас без нас“. Исто така, потребен е и нов систем за проценка на децата со пречки во развојот, на којшто веќе почнува да се работи, кој ќе овозможи нивна полесна инклузија. Постојниот, како што рече Ташевкса-Ременски, се уште се заснова на медицинска процена на она што му недостасува на детето: “Во таа насока почната е постапка за нов модел, со функционална проценка на децата при што ќе се утврди потенцијалот на детето што тоа може да постигне, но и кои се пречките во средината кои оневозможуваат да го реализара целосниот потенцијал”, рече министерката.

Во својот воведен говор, претседателот на координативното тело, Бранимир Јовановски истакна: „ Одржувањето на Меѓународната конференција на тема -Конвенција на ООН за правата на лицата со инвалидност и нејзиното влијание врз националното законодавство и политики- има за цел да ги презентира активностите и промовира искуствата на националните експерти од владините институции, како и презентерите од националните инвалидски организации од државите од регионот кои ја ратификувале Конвенцијата, да ги истакнат моделите за имплементација, пречките и предизвиците со кои се соочувале и се соочуваат во процесот на имплементацијата, како и бенефитите кои лицата со инвалидност ги добиле со имплементацијата на мерките од Конвенцијата, да го промовира разбирањето на проблемот на инвалидноста во регионот и да мобилизира поддршка од општествената заедница за достоинството, правата и благосостојбата на лицата со инвалидност.

Фактот дека иако претходно постоечките Конвенции за човекови права нудеа значителен потенцијал за унапредување и заштита на правата на лицата со инвалидност, овој потенцијал не беше преточен во дело. Лицата со инвалидност и понатаму во најголема мера останаа "невидливи" во системот на човекови права. Токму ова беше една од причините ООН да донесе посебна Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност која по нејзиното усвојување на 13.12.2006 година, стана првиот договор за човекови права што (иако сама по себе не креира нови права) сеопфатно ги опишува човековите права на лицата со инвалидност и ги појаснува обврските на Државите кои ја ратификувале да ги почитуваат, штитат и остваруваат овие права.       Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност е првиот сеопфатен договор за човекови права во 21-от век договорена за време на осумте сесии на Ад Хок комитетот на Генералното собрание на ОН во период од 2002-2006, правејќи ја најбрз преговор за постигнување на договор за човекови права. Целта на Конвенцијата е унапредување, заштита и обезбедување на целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со инвалидност, како и унапредување на почитување на нивното вродено достоинство. Според Конвенцијата, лица со инвалидност се оние лица со долготрајни физички, ментални, интелектуални или сензорни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да ја спречат нивната целосна и ефикасна застапеност во општеството на еднаква основа како и другите.

Основни начела на Конвенцијата се: почитување на вроденото достоинство, индивидуалната автономност, вклучувајќи и слобода на свој избор и независност на лицата со инвалидност, недискриминација, целосно и ефикасно учество и вклученост во општеството, почитување на разликите и прифаќање на лицата со инвалидност како дел од човековата различност и човештвото, еднакви можности, пристап, рамноправност меѓу мажите и жените, почитување на развојните можности на децата со пречки во развојот и почитување на правото на децата со пречки во развојот за зачувување на својот идентитет.

Иако националното координативното тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ беше формирано согласно Стандардните правила, делувањето на ова тело, според погоре опишаниот состав на истото,  денес е во согласност со член 4 став 3 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност во кој се вели: „ Во однос на развојот и спроведувањето на законодавството и политиките за спроведување на оваа Конвенција, како и на другите процеси за донесување одлуки во врска со прашањата кои се однесуваат на лицата со инвалидност, земјите учеснички тесно ќе соработуваат и активно ќе ги вклучат лицата со инвалидност, како и децата со пречки во развојот, преку нивните релевантни организации.“

Токму делувањето на полето на измени и дополнувања на законската регулатива во РМ која се однесува на лицата со инвалидност, и нејзина хармонизација со легислативата на Европската Унија од оваа област, доследно спроведување на Националната стратегија за изедначување на можностите на лицата со инвалидност во РМ (ревидирана 2010-2018) и изготвување на годишен извештај за реализација на мерките од Оперативниот план за спроведување на Националната стратегија, промовирање и преземање на активности за имплементацијата на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност, која Собранието на РМ со посебен закон ја ратификуваше на 05.12.2011 година, менувањето и подигањето на јавната свест за придобивките од интеграцијата на лицата со инвалидност во сите аспекти на политичкиот, економскиот и културниот живот во државата, следењето на светските трендови и имплементирање на меѓународните норми и стандарди за лицата со инвалидност во Република Македонија, е смислата на постоењето и делувањето на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ.

На лицата со инвалидност им треба подршка во вистинско време и на вистински начин. Сигурен сум дека можеме да наброиме многу светски познати научници, политичари, музичари, спортисти, актери, кои живееле и живеат со некаква инвалидност, кои до перфекција ги усовршиле своите знаења и вештини, и кои (како што јас сакам да кажам) оставиле силен впечаток во историјата за „моќта“ на „немоќните“. Сето тоа тие го постигнале со свое силно лично залагање и саможртвување, но сепак во рамките на поддршката што држвите институционално им ја овозможиле за нивната непречена едукација, усовршување и делување воситеаспектинаполитичкиот, економскиотикултурниотживот. Убеден сум дека одржувањето на ова меѓународна конференција ќе остави длабок белег и придонес во натамошните активности на сите креатори на политиката за подобрување на правата и положбата на лицата со инвалидност во државите од регионот, учеснички на конференцијата“.

Презентери на конференцијта од редот на владините експерти беа: Саша Млакар – Министерство за труд, социјала, семејство и еднакви можности на Република Словенија, Владимир Пешиќ – Министерство за труд, вработување и социјална политика на Република Србија,  Алмина Јерковиќ – Министерство за човекови права и избеглици на Босна и Херцеговина и Весна Самојловска – ЈУ Завод за социјални дејности.

Презентери од невладиниот сектор беа: Горан Кустура – Сојуз на инвалидски организаци на Република Словенија, Марија Божиќ – Сојуз на параплегичари на Република Србија, Марица Мириќ – Сојуз на инвалидски организации на Република Хрватска, Јусмир Алибабиќ – Организација на лица со инвалидност на Унско-Сански кантон во Босна и Херцеговина и од Република Македонија, Владо Крстовски – Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.

Презентациите на експертите беа мошне содржајни и целосно ја отсликаа состојбата од имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност во државите од регионот. Истите беа пропратени со бројни прашања од присутните, а Националното координативно тело дополнително ќе ги сублимира поентите од секоја презентација пооделно.

Генерални заклучоци кои произлегоа од одржувањето на Конференцијата се:

  1. Сите држави од регионот одлучно чекорат кон имплементацијата на Конвенцијата, некои со побрза, некои со поспора динамика, некои со повеќе, некои со помалку успех. Меѓутоа може да се констатира дека брзината на имплементацијата на мерките од Конвенцијата не е на задоволително ниво во ниту една од присутните држава, според оценката на претставниците од невладиниот сектор;
  2. Невладиниот сектор, во секоја од присутните Држави, непосредно соработува со институциите на државата во насока на креирање на политиките за подобрување на положбата на лицата со инвалидност преку имплементација на мерките предвидени со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност;
  3. Размената на искуства од државите од регионот е голема придобивка за сите присутни претставници на Конференцијата, и истите сигурно ќе придонесат за преземање на натамошни активности пред институциите, а размената на личните контакти меѓу учесниците гарантира натамошна меѓусебна соработка, што всушност претставува продолжена активност и делување на оваа Конференција;
  4. Сите презентери ги потенцираа проблемите во пристапноста, здравството, образованието и вработувањето, не случајно, бидејќи тоа се најважните сегменти од општото живеење на единката. Проблемите на лицата со инвалидност се меѓусенбо тесно поврзани, доколку нема квалитетна здравствена услуга и ортопедски помагала, не може да се зборува за брза вертикализација, самостојно движење и независно живеење, доколку се непристапни објектите за спроведување на образование од основното, средното и високото образование, лицето со инвалидност остануваат без оформено образование, без стекнати знаења и вештини и автоматски е неконкурентни на пазарот на трудот.
  5. Презентерите во своите излагања силно ја изразија потребата од целосна инклузија на лицата со инвалидност во сите пори од општеството, пред се преку премостување на пречките опишани во претходниот заклучок, а помал акцент ставија врз социјалните примања, како решение за подобар и посодржаен живот на лицата со инвалидност.