НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1 7НОВИНИ ОД ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

            Со оглед на тоа дека голем број на наши членови се возачи на моторни возила сметам дека е од општ интерес да ги запознам нашите читатели со новините во овој Закон бидејќи во пракса сите ние горе долу секојдневно се среќаваме а често и се соочуваме или можеме да бидеме соочени со некои санкции поради не придржување кон прописите. Со оглед на тоа што за нас лицата со телесен инвалидитет возилата се такаречи ортопедски помагала, сметам дека е корисно накратко да се запознаеме со овие новини како би множеле да ги зачуваме возачките дозволи и да не се изложуваме на големи давачки за плаќање на казни.

            Генерално со донесувањето на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата Сл. Весник на РМ бр. 169 од 30.09.2015 година глобите за многу од прекршоците пропишани во овој закон се значително зголемени особено кај прекршоците за побрзо возење од дозволената брзина и управување на возило под дејство на алкохол како прекршоци кои се најчести причини за голем број на сообраќајни незгоди проследени со материјални штети и неретко со тешки повреди и смртни последици за учесниците во незгодите.

            До сега полицајците кога ќе утврдеа сторување на прекршок на самото место издаваа само платен налог со можност во рок од 8 дена да се плати половина од сумата на глобата која е изречена со платниот налог. Во спротивно ако не се платеше глобата од тој налог полицаецот поднесуваше барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд или пред надлежната Комисија за прекршоци во управна постапка во зависност од големината на глобата пропишана за тој прекршок. Со новиот Закон сега се пропишани два вида на налози и тоа: мандатен платен налог и прекршочен платен налог.

            Која е разликата во овие два налози сакам да ја појаснам оти возачите навикнати во изминатите години на платните налози можат лесно да погрешат а тоа да има потешки  последици. Кога полицаецот издава мандатен платен налог кај прекршоците  каде е пропишано издавање на ваков налог покрај предлогот сторителот да ја плати глобата во рок од 8 дена,  се утврдува и дека место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови.

Доколку сторителот одлучи да ја плати глобата од мандатниот платен налог во дадениот рок за разлика од порано нема можност да ја плати половината од таа сума напишана во налогот туку е должен да ја плати целата сума од налогот.

            Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од налогот  должен е во рок од 30 дена да ја донеси во СВР според местото на живеење неговата возачка книшка за да му бидат запишани негативните бодови.

            Ако не се случи ни една од овие две варијанти односно ниту се плати глобата ниту се однеси книшката во дадените рокови 8 односно 30 дена, тогаш платниот налог има сина на извршна исправа и полицискиот службеник налогот ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување. Тоа значи дека преку УЈП присилно ќе се наплати глобата ама овој пат оптоварена со дополнителни големи трошоци за присилното извршување плус и камата а се подразбира и блокирана трансакциона сметка што значително ќе го отежни животот на сторителот.

            Кога полицискиот службеник издава прекршочен платен налог – што е вториот вид на налог споменат погоре,  тогаш сторителот е должен во рок од 8 дена да постапи по овој налог и да ја плати половината од глобата пропишана во тој налог. Возачот во овој случај е должен веднаш да ја извести полициската станица која го издала прекршочниот платен налог дека е платена глобата. Ова е значајно бидејќи во спротивно поради недоволна информираност полицијата можи да поведе во меѓувреме  понатамошна постапка пропишана со закон и да го изложи сторителот непотребно на дополнителни трошоци.

            Доколку сторителот не го плати прекршочниот платен налог во дадениот рок полицискиот службеник е должен да поднеси барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд. На суд обвинетиот ќе има можност да докажува дека не го сторил прекршокот или дека имало некои особено олеснителни околности кои се од влијание на одлуката на судот за видот и висината на прекршочната санкција. Меѓутоа доколку обвинетиот нема некои докази во таа смисла дека не сторил прекршок или дека има некои  олеснителни околности тогаш се изложува на можноста да му биде изречена целата глоба пропишана за тој прекршок и плус да ги плати и судските трошоци за водење на постапката што значително ќе го оштети буџетот на сторителот. Судот во таков случај записникот за сторен прекршок составен од полицаецот кој е очевидец го цени како писмен доказ. Во судската постапка секогаш постои можноста и за изјавување на жалба до Апелациониот суд како второстепеност во постапката и не ретко поради разни повреди жалителите и успеваат со жалбите или им се ублажени глобите.

            Овде само на кратко сакам да кажам колкави се санкциите за поголемата брзина од дозволената како најчест прекршок. Доколку се вози низ населено место со брзина која е над 30 до 50 км/час од дозволената брзина со знакот, се плаќа глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност односно ќе му се регистрираат 50 негативни бода а задолжително се изрекува и санкцијата забрана на управување со моторно возило од соодветната категорија во траење од три до 12 месеци.

            Доколку се вози низ населено место со брзина која е поголема од  50 км/час од дозволената брзина со знакот, се плаќа глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност односно ќе му се регистрираат 65 негативни бода а задолжително се изрекува и санкцијата забрана на управување со моторно возило од соодветната категорија во траење од шест  до 12 месеци. Овие глоби се исти и кај возење надвор од населено место само што таму во првиот случај брзината треба да изнесува од 50- 70 км/час повеќе од дозволената брзина, односно во вториот случај повеќе од 70 км/час. И тука се предвидува можноста за регистрирање на негативни бодови во истиот број  како и забрана на управување со моторно возило.

            Сакам да ги предупредам сите наши членови возачи на моторни возила од опасноста која се крие во запишувањето на негативните бодови. Доколку во рок од 3 години некој возач собере повеќе од 100 негативни бодови тогаш судот ќе му изрече санкција престанок  на важноста на возачката дозвола и сторителот ќе се соочи со потребата повторно да полага возачки испит. Сега под овие услови и со овие цени за полагање на возачки испит малку кој од нас инвалидите ќе можи така лесно да се стекни повторно со возачка дозвола. Ова за жал му се случи на еден наш член кој поради грешка во пресметувањето на бодовите од страна на полицијата доби ваква санкција и заради ненавремена жалба таквата неоснована одлука остана во сила без можност да се врати на повторно одлучување. Многу од нас во недостаток од парични средства за плаќање на глобите ќе се одлучат да запишат негативни бодови но апелирам многу да внимаваат во рок од 3 години да не им бидат запишани  во возачките книшки овие бодови во поголем број од 100.

            Новина е и тоа што сега за разлика до поранешниот закон СЕКОЈ мора да има возачка книшка и да ја покажи доколку му биде побарана од страна на полицискиот службеник во спротивно ќе плати глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност. Затоа час поскоро апелирам до сите возачи да ја извадат оваа возачка книшка бидејќи времето на толерирање од страна на полициските службеници и за прилагодување кон оваа новина наскоро ќе заврши и ќе се применуваат санкции.

            Кај управување на возило под дејство на алкохол или психотропни супстанции се прави рангирање на пропишаните санкции во зависност од количината на алкохолот што значи што поголемо количество на алкохол тоа поголем износ на глоба и забраната на управување со моторно возило прогресивно се зголемува нејзиното времетраење се до максималните 12 месеци да не се вози со моторно возило.

И на крај сакам да споменам дека конечно со овој Закон има и една за нас поволна ситуација. Често несовесни возачи паркираат на места предвидени за паркирање на лица со инвалидност и на тој начин ни го попречуваат слободното паркирање на овие паркинг места. Порано ова беше изоставено да се санкционира но сега доколку некој се осмели да паркира на вакво обележено место му се издава мандатен платен налог во износ од 180 евра во денарска противвредност односно ќе му се регистрираат 40 негативни бода согласно чл. 66 ст. 3 а во врска со став 1 алинеја 20 од ЗБСП.

            Се надевам дека овие информации ќе ви бидат од корист и дека нема да има потреба од плаќање на глоби и трпење на други санкции.