НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

1На 05.02.2016 година претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (НСИОМ) во кој што членуваат седум национални сојузи на лицата со инвалидност: Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Република Македонија Мобилност, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост Порака, Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија, т.е. Македонскиот олимписки комитет и Националниот сојуз на инвалиди на трудот на Република Македонија, остварија работна средба со Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски.

Цел на работната средба беше потпишување на годишните договори за финансирање на националните инвалидски организации согласно со Законот за инвалидски организации во делот на распределбата на средствата од страна на Министерството за труд и социјална политика врз основа на претходно доставени програми и Законот за игри на среќа и забавни игри со којшто е уредено средствата остварени при уредувањето на игрите на среќа и забавни игри како приход на Буџетот на Република Македонија да се користат за финансирање на националните инвалидски организации и нивните општински здруженија. 

Покрај тоа, на средбата стана збор и за досегашните активности на секоја Национална инвалидска организација поединечно која што ги претставува лицата со определен вид и степен на инвалидност, како и потребата да има организираност и координираост од двете страни, НСИОМ, МТСП но и останатите релевантни субјекти, а се со цел да се дејствува на легислативата за подобрување на положбата на лицата со инвалидност во сите сфери на животот, особено на полето на образованието, пристапноста, отстранувањето на архитектонските бариери, здравството, вработувањето, социјалната заштита, културниот живот, спортско-рекреативните активности, одмор и закрепнување на членовите итн. 

Секој претставник од националните инвалидски организации ги презентираше потребите на своето членство. „Во мојата дискусија, како претседател на Мобилност Македонија потенцирав дека лицата со телесен инвалидитет имаат најголема пречка за потполна инклузија во општеството во архитектонските бариери. Заради нив непристапни ни се објектите во кои се спроведува основно, средно и високо образование, членовите остануваат со понизок степен на образование, а со тоа и неконкурентни на пазарот на трудот. Оние кои ќе успеат да се вработат, повторно се соочуваат со проблеми во однос на пристапност, но и во однос на нередовно враќање на придонесите од месечна плата од страна на Министерството за труд и социјална политика, така да нивните фирми стануваат неликвидни и самите лица со инвалидност се соочуваат со отказ и губење на работа, а со тоа и на личната егзистенција и егзистенцијата на своето семејство. Апелирав да се направат напори овие средства кои веќе доцнат 10 месеци да им бидат уплатени на работодавачите. “ истакна Бранимир Јовановски.

Во подоцнежниот тек на дискусијата стана збор и за набавка на ортопедски помагала со подобар квалитет и дизајн, подобра здравствена заштита, обезбедување на лична асистенција како предуслов за социјална интеграција и независен живот, посредувањето при вработување на лицата со инвалидност, покренување на иницијативи за унапредување на социјалната заштита и правата на лицата со инвалидност, грижа за семејството, потребите од организирани културно-спортски и рекреативен живот, решавање на секојдневните животни проблеми со кои се судруваат нашите членови. 

Свесни сме дека за решавањето на посочените потреби треба време, понекогаш и подолго од очекуваното. Како првичен чекор во реализирањето на ветеното беше враќањето на заостанатиот долг од придонесите од месечна плата на работодавачите. Се надеваме дека во најскоро време ќе се реализираат и останатите барања.

Б.Јовановски