НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

vladaВо Службен весник на РМ број 13 од 22.01.2018 година, на страна 12 и 13 е објавена Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, лица со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2018 година. 

Истата веќе е стапена на сила и сите заинтересирани членови можат да побараат преку надлежните Центри за социјална работа во местото каде живеат да ја комплетираат потребната документација за рефундирање на средства.
Последен рок за поднесување на барање е 30.09.2018 година, но ви сугерирам да не го чекате последниот ден заради можни административни постапки за комплетирање на барањата.

ПРОГРАМАТА ВИ ЈА ПРЕЗЕНТИРАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Врз основа на член 213-д став 1 од Законот за социјалната заштита (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/09, 36/11, 51/11, 166/12, 15/13, 79/13,164/13, 187/13, 38/14, 44/14, 116/14, 180/14, 33/15, 2/15,104/15, 150/15, 173/15, 192/15,30/16 и 163/17) Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 22.1.2018 година, донeсе:

П Р О Г Р А М А
ЗА РЕФУНДИРАЊЕ НА СРЕДСТВА ПЛАТЕНИ КАКО ЦАРИНСКИ ДАВАЧКИ, ДАНОК НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ И АКЦИЗА ЗА НАБАВКА НА ПАТНИЧКИ АВТОМОБИЛ ЗА ЛИЦА СО НАЈМАЛКУ 80% ИНВАЛИДНОСТ НА ДОЛНИТЕ ЕКСТРЕМИТЕТИ, ЛИЦА СО УМЕРЕНА, ТЕШКА И ДЛАБОКА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ, ЗА ПОТПОЛНО СЛЕПИ ЛИЦА СО ПРИДРУЖНИК И ЗА ПОТПОЛНО ГЛУВИ ЛИЦА ЗА 2018 ГОДИНА

Со оваа програма се уредуваат мерките, носителите, начинот на спроведување, потребната документација и обезбедените средства за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица за 2018 година.
I. Корисници
Корисници на оваа програма се следните лица:
- лице со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети,
- лице со умерена, тешка и длабока ментална попреченост,
- потполно слепо лице со придружник и
- потполно глуво лице.
II. Мерки
Рефундирањето на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил се врши во рамките на обезбедените средства со оваа програма.
Со оваа програма се предвидуваат средства за рефундирање во износ не поголем од 180.000 денари по одобрено барање.
III. Носители
Оваа програма ја спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа.
IV. Начин на спроведување
Барањето за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил се поднесува од страна на лицето од дел I од оваа програма, негов родител или старател најдоцна до 30 септември, во тековната година по објавен јавен повик. Барањето со потребната документација се поднесува преку надлежниот Центар за социјална работа до Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил со потребната документација.
Од страна на Комисијата за вршење на увид во домот на подносителот на барањето, се врши увид најдоцна 30 дена од доставување на барањето.
Од страна на Комисијата за вршење на увид во домот на подносителот на барањето, записникот за извршен увид и барањето со приложената документација се доставува до Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил најдоцна десет дена од извршениот увид.
Од страна на Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, по истекот на рокот за поднесување на барањата се разгледуваат доставените барања за рефундирање на средства со приложената документација, и најдоцна 30 дена по истекот на рокот се врши:
- електронско внесување на податоците,
- изготвување на предлог ранг - листа на лицата кои имаат поднесено барање за рефундирање на средствата по категории кориснички групи,
- изготвување на предлог до министерот за труд и социјална политика за исполнетоста на условите за рефундирање на средства и донесување на решение по барањата.
При утврдување на ранг - листата на лицата кои имаат поднесено барање за рефундирање на средствата платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил и ги исполнуваат условите од оваа програма, максималниот број на бодови изнесува 50 бода, и тоа:
- еден член во семејство со инвалидитет – 15 бода
- два и повеќе члена во семејство со инвалидитет – 30 бода.
- доколку лицето остварува приходи помали од просечната нето плата во државата за претходната година– 10 бода.
- доколку лицето е редовен студен, активен барател на работа или вработено лице – 10 бода.
V. Потребна документација
Кон барањето се поднесува следната документација:
- Наод, оцена и мислење од надлежна комисија за утврдена инвалидност од најмалку 80% на долните екстремитети, за утврдена умерена, тешка и длабока ментална попреченост, за потполно слепило и потполна глувост (или копија од документот заверена на нотар),
- Примерок или заверена копија од царинска декларација не постари од 12 месеци од денот на подмирување на царинските давачки и акцизи при увоз на патнички автомобил, издадени од царински орган.
- Доказ за платен данок на додадена вредност при набавка на патничкиот автомобил,
- Наод и мислење за друг член на семејството со инвалидност (или копија од документот заверена на нотар),
- Потврда за остварени приходи од Управата за јавни приходи за претходната година,
- Потврда за редовен студент (доколку лицето е студент),
- Потврда за заснован работен однос (доколку лицето е во работен однос),
- Потврда за регистриран активен барател на работа (доколку лицето е невработено лице).
VI. Обезбедени средства
Средствата за реализација на оваа програма се предвидени и обезбедени во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2018 година во износ од 6.000.000,00 денари, на Раздел 15001, потпрограма 50, ставка 464.
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 44-451/1, 22 јануари 2018 година, Скопје

Заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, 
м-р Радмила Шекеринска-Јанковска, с.р.