НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

LogoМобилност Македонија на 13.11.2018 година доби покана за учество на јавна расправа во МТСП на 14.11.2018 година во 09 часот во врска со Предлог-Закон за социјална заштита. Иако времето беше кратко, учествувавме во расправата и дадовме свои забелешки во интерес на нашите членови, но и на сите лица со инвалидност кои не се наши членови а се засегнати со предложените измени. Дополнително утредента напишавме допис со наши предлози и сугестии и го доставивме до МТСП.

Еве дел од нашите реакции:

Член 44, ставот 3 кој гласи: „ Лице од став 1 на овој член не може да оствари право на надоместок заради попреченост, ако користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон и право на надоместок за помош и нега од друго лице согласно овој закон.“, да се избришат зборовите на крајот на ставот кои гласат„... и право на надоместок за помош и нега од друго лице согласно овој закон.“
Образложение: Надоместокот заради попреченост е наменет за поттикнување на Социјална инклузија и еднакви можности и не треба да се условува со оствареното право на нега и помош од друго лице кој има сосема друга намена. Лицата со инвалидност кои се приматели на овие надоместоци се ограничени во можноста за самостојно живеење, секојдневно се соочуваат со најразличен вид на бариери кои им ги поставило општеството и кои се пречки за нивна целосна инклузија и независно живеење. Со овие надоместоци се врши делумна компензација на зголемените трошоци на лицето заради задоволување на основните животни потреби, исхрана, облекување, лична хигиена, движење, посета на здравствени установи, одење на работа... Лицата кои се приматели на овие надоместоци мора да користат личен превоз или да имаат лична придружба дури и кога треба да набават основни прехрамбени продукти, да ангажираат лица за задоволување на своите здравствени, културни, работни потреби, за плаќање на режиски трошоци, бидејќи или не можат да се движат, или има премногу архитектонски бариери кои го оневозможуваат нивното движење.

Член 44, ставот 4 кој гласи „ Лице од став 1 на овој член не може да користи право на надоместок заради попреченост, ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена користи услуга на вон-семејна заштита или е сместено во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето“, предлагаме да се ИЗБРИШЕ.
Образложение: Лицата сместени во установи исто така имаат потреба од социјален живот кој не им е обезбеден во самите установи, Тие овие средства ќе ги користат за самостојно движење, посета на културно-забавни и спортски настани вон установата во која се сместени, дружење, прошетки, односно токму за намената за која Надоместок заради попреченост и се обезбедува, а тоа е за поттикнување социјална инклузија и еднакви можности.

Член 45 да гласи:
Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува:
- 7.098 денари за лице од член 44 став 2 алинеја 1, 2 и 3 од овој закон; 
- 4.054 денари за лице од член 44 став 2 алинеја 4 од овој закон. 
Износ на надоместокот од ставот 1 на овој член се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.
Образложение: Лицата со инвалидност примаат во моментот надоместок за мобилност и слепило во износ од 7.098,00 денари како резултат на определениот стартен износ на надоместокот во 2011 година (7.000 денари) зголемен со досегашниот пораст на трошоците на живот за претходните години, објавени од Државниот завод за статистика. Сметаме дека висината на овој надоместок треба да продолжи од моменталниот износ (7.098 денари), а не да се враќа на ниво од 2011 година.

Алтернатива II на член 45 : Предлагаме износот на надоместокот да се усогласува со просечно исплатената плата во РМ за декември претходната година и истиот член да гласи:

Висината на месечниот надоместок заради попреченост изнесува:
- 30% од просечната плата на РМ исплатена во декември претходната година за лице од член 44 став 2 алинеја 1, 2 и 3 од овој закон; 
- 17% од просечната плата на РМ исплатена во декември претходната година за лице од член 44 став 2 алинеја 4 од овој закон. 
Износ на надоместокот од ставот 1 на овој член се усогласува со висината на просечната плата за месец декември претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
Образложение: Просечна месечна плата во РМ за декември 2017 година изнесуваше 23.850 денари. 30% од овој износ изнесува 7.155 денари, односно 17% изнесува 4.054 денари, или отприлика износот што во моментот го примаат корисниците. Врзувањето на усогласувањето на овој надоместок на годишно ниво со износот на просечна плата за декември претходната година (или за просечната плата исплатена во РМ за претходната година) ќе овозможи корисниците на овој надоместок да добиваат адекватно зголемен износ на средства кој реално ќе ја прати динамиката на зголемувањето на реалните животни трошоци.

Член 47 кој гласи: „Висината на паричниот надоместок заради попреченост се намалува за износот кој се исплатува од надлежниот центар за социјална работа за социјална услуга кај овластен давател на услуга, која корисникот ја користи во домот или во заедницата, но најмногу до 50%.“ предлагаме да се БРИШЕ во целост.
Образложение: Корисникот на паричниот надоместок заради попреченост може да користи социјална услуга (на пример личен асистент) но таа услуга се сведува на 2-4 часа во деноноќие. Преостануваат 20-22 часа во едно деноноќие кои не се покриени со социјална услуга во кои лицето корисник на надоместок има потреба од надоместок за поттикнување социјална инклузија и еднакви можности во целост (а не намалени до 50%). 
Особено заради фактот дека и во часовите на добивање на услугата, корисникот се уште е изложен на дополнителни трошоци, пред се за превоз бидејќи не може да се движи пешки, ниту да користи алтернативни бесплатни превозни средства. Значи, асистенцијата претставува пружена рака на поддршка, но зголемените трошоци како компензација на попреченоста се уште корисникот ги плаќа во целост, па од таму произлегува дека овој надоместок не треба да се намалува до 50% како што стои во предлог Законот.

Член 50 предлагаме да гласи:
Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во поголем обем изнесува 18,45% од просечната плата на РМ исплатена во декември претходната година, усогласена со висината на просечната плата за месец декември претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
Висината на месечниот надоместокот за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 16,35% од просечната плата на РМ исплатена во декември претходната година, усогласена со висината на просечната плата за месец декември претходната година, објавена од Државниот завод за статистика.
Образложение: Просечна месечна плата во РМ за декември 2017 година изнесуваше 23.850 денари. 18,45%% од овој износ изнесува 4.400 денари, односно 16,35% изнесува 3.902 денари, или скоро идентично на износот што во моментот го примаат корисниците. Врзувањето на усогласувањето на овој надоместок на годишно ниво со износот на просечна плата за декември претходната година (или за просечната плата исплатена во РМ за претходната година) ќе овозможи корисниците на овој надоместок да добиваат адекватно зголемен износ на средства кој реално ќе ја прати динамиката на зголемувањето на реалните животни трошоци.

Во член 54, став 2 кој гласи: „ Лице кое користи надоместок заради попреченост истовремено не може да користи и надоместок за помош и нега од друго лице.“ да се БРИШЕ во целост.
Образложение: Надоместокот заради попреченост и надоместокот за нега и помош од друго лице имаат различни намени, различни критериуми за остварување на право, и не треба да се условува оствареното право на едниот со неможност на остварување на право на другиот надоместок. Постојат пропишани критериуми кои корисникот треба да ги исполни за да го оствари правото и на едниот и на другиот надоместок и тоа е во ред. Меѓутоа ограничувањето на едниот со другиот надоместок е непотребно и недозволиво.

Дополнително, Мобилност Македонија, денес со писмо ќе побара состанок со министерката Мила Царовска во врска со Законот и нашите предлози за укинување на спорните одредби кои ги намалуваат или укинуваат веќе остварените права на лицата со телесен инвалидитет.