НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

22На 09.11.2018 година, во Порта Македонија беше организирана изложба на уметнички дела создадени на деветтата меѓународна ликовна колонија која годинава се одржа во месец април во Охрид.

На изложбата присуствуваше претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, кој во својот поздравен говор ги афирмираше мерките на Владата за подобрување на правата на лицата со инвалидност, но и поддршката за актиностите на сојузот кој преку своите активности делува кон подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во РМ.

Претседателот на Мобилност Македонија во својот поздравен говор истакна: 
„Мобилност Македонија, како асоцијација на преку 8.000 доброволно зачленети лица со телесен инвалидитет кои жевеат на територијата на РМ, во своето делување го поттикнува творечкиот потенцијал на своите членови. Тоа го прави преку организација на разни креативни работилници, музички фестивал, уметнички колонии и литературни читања.

Денес сме исправени пред делата создадени на деветтата меѓународна ликовна колонија „Охрид 2018“ на која учествуваа 16 уметници од Хрватска, Србија, Чешка и Македонија, како и пред лауреатите на 24-те Литературни читања, чии имиња ќе ги дознаеме подоцна.

Мобилност Македонија, како организација создадена од самите лица со телесен инвалидитет, во своето делување за подобрување на правата и положбата, како и застапување на лицата со телесен инвалидитет пред институциите во Република Македонија, растеше и се уште расте како сериозна национална инвалидска организација, постојано ширејќи ја лепезата на преземени активности. Некогаш тоа се трибини, некогаш тематски работилници, некогаш организирани настани на спортско или културно поле, постојана комуникација со ресорните министерства, но секогаш целта е овозможување на право на еднаквост, самостојно движење, независен и содржајно исполнет живот, подобро и посветло утре.

Во своето делување свесни сме дека универзален клуч за успех нема, но добро синхронизиран тим на мотивирани млади луѓе треба да биде патот што ќе не води кон успехот. Но тој пат, несекогаш е поплочен со рози и орхидеи, честопати е трнлив и непрооден, непрооден од бариерите кои ги поставило општеството во однос на архитектонските бариери, бариерите за пристап кон информации и комуникации, бариери во образованието, конкурентноста на пазарот на трудот, со еден збор кажано, бариери во сите пори на општеството.

Мајка Тереза има кажано:
-Ако си успешен ќе се стекнеш со лажни пријатели и вистински непријатели, сепак биди успешен;
-Искреноста и отвореноста те прават повредлив, сепак биди искрен и отворен;
-Она што си го изградил со години може да биде уништено преку ноќ, сепак гради;
-Секој од нас чувствува дека она што го прави е само една капка во океанот. Но ако не правиме ништо, океанот ќе биде посиромашен за таа една капка;

И ние полека, ден за ден, поткршнуваме по некој бариера, премостуваме по некоја навидум непремостлива пречка, заедно со нашето делување се обидуваме да им кажеме на останатите и ние сме тука, еднакви и рамноправни со вас, почитувани од институциите, кои знаат да го почувствуваат нашиот партнерски однос , бидејќи нашето делување претставува продолжена рака на институциите.

Дека е тоа така, сведочи денешното присуство на Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, за што искрено сме му благодарни.“

Премиерот Зоран Заев ги предаде плакетите на најдобрите литерати на Мобилност Македонија за 2018 година:
1.Севда Ѓурчиноска од Скопје со творбата „Само погледни“
2.Мимоза Делипетрова Томова од Радовиш со творбата „Стреи на вечноста“
3.Олга Ристовска од Скопје со творбата „Кога ќе се биде вчера“.