НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

A1Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија-Мобилност Македонија, на 26-27.09.2020 година, во големата сала на ДХО „Даре Џамбаз“ во Скопје, го одржа 26-то издание на Републичкиот квиз натпревар за лица со телесен инвалидитет на Македонија.
Натпреварот и во двата дена беше спроведен со строго почитување на мерките за заштита од ширење на корона вирусот, со дезинфекција на раце и нозе на сите учесници, мерење на телесната температурата со бесконтактен топломер, потпишување на изјави за согласност и прифаќање на ризик, правилно носење на маска за цело време на натпреварот, дезинфекција на подни површини, столови, маси и уреди, пред и по одржување на секое коло од натпреварот и секако, одржување на дистанца меѓу учесниците.
На натпреварот учествуваа 12 екипи кои беа поделени во четири четвртфинални групи составени од по три екипи. По одржување на четирите четвртфинални квиз натпревари на 26.09.2020, двете првопласирани екипи од секоја четвртфинална група се квалификуваа за полуфиналните борби, а четирите екипи кои се пласираа на третите места го завршија својот настап на годинашниот натпревар.
Комплетот на прашањата за квизот и годинава го изготви Зоран Јорданов, кој воедно беше и претседател на жири комисијата, во која поред него партиципираа и Софка Прчева и Драган Дојчиноски. За техничка обработка на прашањата и дигитална презентација на квиз натпреварите, како и директен пренос на натпреварите на нашата фејсбук страна беше задолжен Тони Пајдаков, додека водител на натпреварот и годинава беше Бранимир Јовановски. Дејан Ѓорѓиевски беше задолжен за спроведување и почитување на одредбите од Протоколот за одржување на Републичкиот квиз натпревар 2020.
На 27.09.2020 најнапред се одржаа двата полуфинални квиз натпревари.
Во првиот полуфинален квиз натпревар, првото место го освои екипата на Мобилност Кочани (во состав Горан Војновски и Василчо Илиев) со освоени 117 поени, додека на второто место се пласира екипата на Мобилност Скопје 1 (во состав Христина Просковска и Томислав Попов) со освоени 95 поени и овие две екипи се пласираа во големото финале. На третото место во оваа полуфинална група се пласира екипата на Мобилност Штип (во состав Тоде Арсов и Радован Тошиќ) со освоени 68 поени, а на четвртото екипата на Мобилност Битола (во состав Сотир Јоновски и Николче Станојовски) со освоени 51 поени.
Во вториот полуфинален квиз натпревар, првото место го освои екипата на Мобилност Велес (во состав Зоран Димов и Антон Коцевски) со освоени 67 поени, додека на второто место се пласира екипата на Мобилност Радовиш (во состав Васил Томов и Славе Ристов) со освоени 62 поени и овие две екипи изборија пласман во големото финале. На третото место во оваа полуфинална група се пласира екипата на Мобилност Тетово (во состав Драге Марковски и Велибор Јаќимовски) со освоени 58 поени, а на четвртото екипата на Мобилност Кавадарци (во состав Николчо Делов и Ѓоко Костов) со освоени 41 поен.
Финалниот квиз натпревар, како и што се очекуваше, донесе нова возбуда и солидно знаење од страна на сите учесници. После многу промени на редоследот на екипите во текот на играта, на крајот најмногу знаење и умешност покажа екипата на Мобилност Кочани (во состав Горан Војновски и Василчо Илиев), која го освои првото место и титулата „Шампион на знаење за 2020 година“ со освоени 80 поени, второто место и припадна на екипата на Мобилност Велес со освоени 57 поени, третото на екипата на Мобилност Радовиш со освоени 44 поени, а четвртото место и припадна на екипата на Мобилност Скопје 1 со освоени 34 поени. Овие четири екипи воедно ќе бидат носители на четвртфиналните групи на следниот, 27-ми по ред, Републички квиз натпревар 2021. Се надеваме дека до тогаш пандемијата со КОВИД-19 ќе биде ставена под контрола и дека ќе се вратиме на организирање на стариот формат на квизот кој вклучуваше три натпреварувачи во секоја екипа и секако публика.
Дополнително, на првопласираните три екипи и на нејзините членови ќе им бидат доделени плакети за учество и за освоен пласман.