На 29.05.2016 година, во Спортско-рекреативниот центар на езерото Треска во Сарај, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, ја организираше петтата масовна средба во природа за лицата со телесен инвалидитет.
На масовната средба во природа присуствуваа повеќе од 380 лица со телесен инвалидитет од 16 здруженија на Мобилност Македонија. Целта на средбата е да се промовираат правата на лицата со телесен инвалидитет за нивна целосна интеграција во општеството.
Присуството на скоро 400 лица со телесен инвалидитет на едно место, праќа силна порака до институциите во државата дека само вака обединети и организирани ќе имаме сила да се избориме за нашата позиција во општеството како еднакви со другите. Освен со масовноста, лицата со телесен инвалидитет покажаа и достоинственост во потсетувањето на обврските на државата кон оваа категорија на граѓани.
Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ – Скопје, оваа година за прв пат го обележа меѓународниот ден на лицата болни од мултиплекс склероза на последната среда од месец мај, кој ден од 2009 година официјално е прифатен во светот како ден на МС.
Настанот се одржа на плоштадот „Македонија“ на 25 мај под мотото „Имаме мултиплекс склероза, но таа не нема нас“. На настанот присуствуваа дел од членовите на Здружението, се делеа флаери со кратки информации за болеста, а присутните беа облечени во портокалови маици на кои беа испечатени пораки „Јас можам се“, „Не сум мрзлив, имам МС“, „Не сум пијан имам МС“. На овој начин лицата кои боледуваат од Мултиплекс склероза се обидоа да ја подигнат свеста на граѓаните за оваа тешка болест односно „да не се осудуваат прерано луѓето кои не одат стабилно, дека можеби не се под дејство на алкохол, туку се борат со ова сериозно заболување“.
Повеќе: Меѓународниот ден на лицата болни од мултиплекс склероза
Во период од 17-24.04.2016 година во Охрид се одржа седмата по ред меѓународна ликовна колонија на која учествуваа 23 уметници од шест држави и тоа: Тома Димовски, Роза Мојсовска, Мирослав Славковиќ, Санда Миева, Петра Јовановски, проф. Зоран Јакимовски, Богоја Мојсоски, Виданка Мојсоска и Томислав Нешковски од Македонија, Варвара Дивишова и Ленка Малиска од Чешка, Жељан Павиќ од Хрватска, Јован Мијиќ, Јована Јоциќ, Марија Алексиќ, Станислава Летиќ, Клара Томиќ-Касаш, Лидија Милутиновиќ и Иван Шарчевиќ од Србија, Борис Штер и Клавдиљ Лебан од Словенија и Севда Патурлијан од Бугарија.
Познатиот говорник, мотиватор и хуманист Ник Вујичиќ беше централна фигура на големиот хуманитарен настан кој се одржа во Скопје на 16 април во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде за првпат говореше пред македонската публика. Тој е роден во 1982 година во Бризбејн, Австралија со ретко медицинско пореметување кое е необјасниво за докторите - тетра амелија синдром, а се карактеризира со отсуство на четирите екстремитети. Држел говори во 43 земји и разговарал со повеќе од 4.5 милиони луѓе, а и гледаноста на неговите видеа на интернет се милионски. Меѓу неговата публика се вбројуваат претседатели на држави и бизнисмени, средношколци, луѓе со инвалидитет, родители, деца, затвореници. "Ако не можеш да постигнеш чудо, тогаш биди чудо" и "секој има избор да биде благодарен за она што го има или огорчен за она што го нема" е мотото на светски познатиот мотивациски говорник. Иако роден без четирите екстремитети, со исклучително тежок животен почеток, тој денес е успешен, целосно самостоен и со желба да инспирира други луѓе преку неговите говори на голем број конференции низ светот.