НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА ЛИЦА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ НА МАКЕДОНИЈА

Mobile menu

logomob

LogoПочитувани колеги, лица со најтешка телесна инвалидност,

Сакам да ве информирам дека оваа недела, како резултат на претходниот договор од месец мај со министерот Спиро Ристовски, имав интензивни преговори со претставници од Министерството за труд и социјална политика во врска со остварувањето на правото на додатокот за мобилност.
Во тек е изработка на Правилник кој ќе ја регулира оваа материја. Со цел овој додаток да го примаат лицата на кои навистина им е неопходен и на начин утврден со Закон (лицата со телесен инвалидитет над 26 годишна возраст со 100% телесен инвалидитет кои без помош на инвалидска количка не може да ги задоволат основните животни потреби), со цел да се заштитиме и ние како сојуз, но и министерството од можни злоупотреби на ова право, како и оглед на тоа дека поголем број на дијагнози опишани во Правилникот за видот и степенот на попреченост и посебните потреби на лицата со пречки во развојот како најтешка телесна инвалидност може да бидат оштетувања помали од 100% и без потреба од постојано користење на инвалидска количка (што е еден од условите за стекнување со ова право), побаравме стручно мислење од лекари физијатри и ортопеди да ни дадат сугестија како на најдобар начин може да се регулира оваа материја.

Сите дадени сугестии ги координираме со министерството за труд и социјална политика, а договорните состаноци ќе продолжат и во текот на идната недела. Моја сугестија беше (а ова го потврдија и лекарите) дека лицата со дијагнозите параплегија, триплегија и квадриплегија како и високи ампутации на двата долни екстремитети без чунка (или со неадекватна чунка за протеза) може да се сметаат за лица постојани корисници на инвалидска количка, а останатите најверојатно ќе треба да поминат на лекарска комисија која ќе го утврди правото. Секако дека ќе ве информирам за сите новини во врска со остварување на ова право, а она што сега го знам е дека ќе се поднесуваат посебни барања во Центрите за социјална работа во локалните самоуправи (ќе биде изготвен унифициран образец од страна на министерството) и ќе треба да се приложи соодветна документација. Затоа во овој момент доволно е да ги најдете вашите наоди, оценки и мислења во кои е опишан степенот на оштетување и потребата од постојано користење на инвалидска количка, да бидете трпеливи и да почекате да објавиме на нашата веб страна www.mobilnost.mk, на социјалните групи на Facebook и во пишаните и електронски медиуми за начинот и постапката за остварување на правото на додаток за мобилност.

 

Бранимир Јовановски

претседател на Мобилност Македонија